Од Белград за Телма
Срѓан Стојанчов
Руската агресија врз Украина го направи проширувањето на Европската Унија (ЕУ) повторно можно и ќе го забрза, но државите од Западниот Балкан не треба да се надеваат дека ќе се качат на украинскиот воз без да ги исполнат критериумите.
На дебатата со наслов: „Европа: да преживее (и напредува) во геополитичко доба“ на Белградската безбедносна конференција беа отворени прашања за иднината на Европа во време кога Доналд Трамп победи на изборите во САД, а Русија и Кина го прошируваат своето геополитичко влијание.
Специјалниот пратеник на Франција за Западниот Балкан, Рене Троказ смета дека ЕУ ќе ги преживее овие геополитички времиња и ќе стане посилна, но оти мора да се реформира за да стане поефикасна. Тој вели дека проширувањето на Унијата мора да се забрза како дел од глобалната игра за зголемување на стабилноста во Европа. Тој се залага за големо проширување како во 2004 година, односно повеќе земји, можеби и целиот регион да влезе во ЕУ одеднаш. Во 2004 година, во ЕУ одеднаш влегуваат Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Словенија, Малта, Кипар, Литванија, Латвија и Естонија.
„Земјите од Западниот Балкан чекаат повеќе од 20 години. Тоа е предолго. Мораме да забрзаме, а причината за тоа е што војната се врати на нашиот континент, војната во Украина. Така што: нови, големи, клучни, драматични предизвици како војната во Украина – нови одговори за регионот и мора да забрзаме и да инсистираме на стабилност. Мислам дека на овие држави им го должиме проширувањето и да станат полноправни членки на ЕУ“, изјави специјалниот пратеник на Франција за Западниот Балкан, Рене Троказ.
За да ѝ даде политички поттик среде руската инвазија, ЕУ летоска ги започна преговорите за членство со Украина. Сепак, земјите од Западниот Балкан веќе две децении се во чекалницата. Дилемата што се отвори беше како ЕУ ќе се справи со проширување со земја со десетици милиони жители како Украина, ако две децении не може да прими земја како Црна Гора со 600.000 жители.
„Сега многу повеќе зборуваме за геополитичко проширување наспроти проширување базирано на заслуги. Се плашам дека ова е дилема која не е многу од корист, затоа што им дава погрешен сигнал на луѓето на Балканот дека може да влезат само поради геополитички причини, дека украинскиот воз ќе помине и тие само треба да скокнат на него и не треба ништо да направат. Мислам дека ова е големо недоразбирање“, изјави Весела Чернева од Европскиот совет за надворешни односи.
Предизвиците со кои ќе се соочи Европа во претстојните години се евентуалната изолационистичка политика на новиот американски претседател Доналд Трамп. ЕУ веќе се подготвува за можните трговски војни кои ќе ги почне Трамп. Загриженоста е дека Русија и Кина ќе сакаат да го пополнат вакуумот што ќе го остави американскиот изолационизам. Војните во Украина и на Блискот Исток дополнително ја комплицираат ситуацијата за Европа.











