Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Украина тврди дека остварила голем напредок околу Херсон

/

пред 1424 дена

Сподели преку :

Украинската војска соопшти дека постигнала голем напредок околу Херсон, откако Русија објави дека се повлекува од овој град на југот на Украинa, кој беше дел од областите што Русија ги анектираше кон крајот на септември годинава.

Киев тврди дека украинските војници го зазеле клучниот град Снихуривка, 50 километри северно од Херсон низ кој поминува голема железничка раскрсница клучна за снабдување во Николаевската област.

Херсон беше првиот и единствен регионален главен град што падна во рацете на Русија откако пред речиси девет месеци ја нападна Украина.

На крајот на септември, Кремљ ја анектираше оваа област по таканаречените „референдуми“ во окупираните региони, потег кој наиде на осуда и непризнавање од страна на меѓународната заедница.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека не ја „треснал“ вратата за потенцијалните мировни преговори со Руската Федерација.

-Не ја треснав вратата. Реков дека ќе бидеме подготвени да разговараме со Русија – но со друга Русија. Онаа која е навистина подготвена за мир. Онаа која е подготвена да признае дека тие се окупатори… Но само доколку вратат се. Земја, права, слобода, пари. И што е најважно, правда, рече Зеленски во интервју за Си-ен-ен, што беше објавено вчера.

Зеленски додава дека засега освен ултиматум, ништо друго не слушнал од актуелниот претседател на Руската Федерација Владимир Путин.

-И досега не сум слушнал дека се подготвени да ги прифатат нашите, украински услови – ниту од Путин, ниту од кој било друг руски функционер, рече Зеленски.

Во меѓувреме САД ќе испратат уште 400 милиони долари воена помош за Украина, како одговор на загриженоста дека финансиската помош за војната против Русија би можела малку да се намали доколку републиканците ја преземат контролата врз Конгресот.

Советникот за национална безбедност Џејк Саливан информира дека новиот пакет помош ќе вклучува опрема важна за воздушната одбрана на земјата.

Од почетокот на војната САД и одобриле помош на Украина во вредност од над 18,6 милијарди долари во оружје и друга опрема.