Поранешниот премиер а сега бегалец од правдата Никола Груевски има добиено унгарско државјанство уште во 2022 година со што можноста за негова екстрадиција се сведува на минимум, објави истражувачкиот портал „ВиСквер“, повикувајќи се на извори од унгарската влада. Македонската Влада не знае дали тој е унгарски државјанин а за правда не менува ништо и ќе бараат екстрадиција.
„Не, немаме ние таква информација. Немаме таква информација“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Според информациите на „ВиСквер“ тој го добил државјанството уште во 2022 година врз основа на „унгарски државен интерес“. Самиот факт дека има државјанство ја зацврстува позицијата на Груевски во Унгарија бидејќи за евентуална екстрадиција ќе треба да му се одземе.
Според тимот истражувачки новинари на порталот, Груевски се уште е во Будимпешта.
„Одземањето на државјанството бара докажување дека го стекнал со измама или преку корупција. Во вториот случај – бидејќи основата за државјанството бил унгарски државен интерес – обвинителите ќе треба да покажат дека раководителите на режимот на Орбан биле вклучени во тие коруптивни зделки“ – тврди порталот „ВиСквер“.
Од правда соопштија дека ги следеле информациите и шпекулациите и дека постапката за екстрадиција продолжува без да се прецизира дали е испратено ново барање и што е преземено.
„Независно од сите шпекулации и неофицијални информации за евентуалниот статус што го има во Унгарија, Никола Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и е лице кое е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки. Министерството за правда нагласува дека постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции. Министерството и понатаму ќе ги презема сите неопходни правни и дипломатски чекори во комуникација со надлежните органи на Унгарија“ – соопшти министерството за правда.
Откако новиот унгарски премиер Петар Маѓар најави дека „ неговата земја веќе нема да биде депонија на странски криминалци кои добиле азил“ притоа директно споменувајќи го Груевски, двајца полски бегалци, министерот за правда Зиобро и неговиот заменик Романовски кои за разлика од Груевски имаат само азил а не и државјанство веќе ја напуштија Унгарија.
Груевски побегна од Македонија во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, поврзан со набавка на луксузно возило марка „мерцедес“, вредно околу 600 000 евра.
Груевски преку Албанија, влезе во Црна Гора а потоа во Србија за на крај да пристигне кај неговиот пријател Виктор Орбан во Будимпешта каде што експресно доби политички азил.
Огнен Чанчаревиќ











