Осумдесетгодишнината од ослободувањето на Скопје, Културно-информативниот центар ја одбележа со настанот „Поетот и градот“ со академик Влада Урошевиќ, минатогодишен добитник на наградата „13 Ноември“ за публицистика.
Годинава се навршуваат и девет децении од раѓањето на Урошевиќ и 65 години од објавувањето на неговата прва поетска книга „Еден друг град“ со која што тој ја најави својата поетичка опсесија со градот.
За нераскинливата врска на поезијата на Урошевиќ со Скопје, и преку разговор со него се осврнаа Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, и двајцата од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, претходни добитници на наградата „13 Ноември“.











