Уште два земјотреси со јачина од 5 и 4,5 степени според Рихтеровата скала утрово го потресоа грчкиот остров Санторини, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар. Земјотресот со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала се случи во 9:11 часот на 30 километри североисточно од градот Фира.
Пет минути подоцна се случи земјотрес со јачина од 5 степени со епицентар на 12 километри североисточно градот. Грчката влада вчера прогласи вонредна состојба во Санторини, откако светски познатиот туристички остров во Егејското Море во последниве денови беше погоден од серија земјотреси.
Повеќе од 10.000 жители и туристи се евакуирани. Во последните две недели се забележани неколку илјади земјотреси, од кои дури 30 дневно биле со јачина поголема од 4,0 степени. Повеќето од нив се случиле на длабочина помала од 10 километри, што значи дека на површината се почувствувале поприлично силно.
Посилните земјотреси предизвикаа одрони на крајбрежните карпи и помали оштетувања на зградите. Најсилниот земјотрес до сега, со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала, го погоди регионот на 6 февруари.











