Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Уште двајца пациенти од „Пулс“ се пуштени на домашно лекување – во болници останаа уште три лица

/

пред 419 дена

Сподели преку :

Двајца од повредените млади луѓе во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ се пуштени на домашно лекување. Во болница остануваат тројца од кои двајца во приватна болница во земјава и еден од Истанбул. Нивната состојба е критична, но не е живото загрозувачка. Деновиве неколкумина се пуштени и од Клиниката за пластична хирургија. Дополнително, шест пациенти одат на контроли во болницата „Пирогов“ во Софија.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски денеска од Кочани рече дека 18 млади луѓе имаат потешки лузни на вратот, лицето и дланките. Врвен хирург за пластика од Белгија, правел проценка на сите на кои им е потребна реконструктивна интервенција, но за тоа, сепак, ќе треба време.

Изработени се и силиконските маски за повредените со изгореници по лицето и вратот и во најбрзо време ќе бидат транспортирани во Македонија. За шест месеци треба да се набави и нова компресивна облека, а заврши и реконструкцијата на Одделот за физикална терапија, во кој ќе се активира и хипербарната капсула. Директорката на болницата, Катерина Паниќ Мирчовска вели дека рехабилитација на Пониква ги даде очекуваните резултати.

„Она што беше замислено на почеток, истото се оствари. Тоа беше малку поинаков тип на терапија. Во однос на нивните капацитети беа вклучени во спортски активности, бидејќи имавме и музичари меѓу повредените, за нив имавме посебен тип на терапија. Требаше да ги вратиме на инструментот што претходно го свиреле. За студентите беа направени напори да им се излезе во пресрет на нивните потреби и можности“, рече д-р Катерина Паниќ Мирчовска, директорка на Општа болница Кочани.

Инаку кочанската болница располага со поголем буџет, има и 20-тина нови вработувања од кои седум се медицински сестри, како најдефицитарен кадар, извршена е и набавка на дигитален ренген, како и инсталирање на централен довод на кислород за хируршките сали.

Викторија Јованова