Владата донесе заклучок во врска со предлогот на Министерството за финансии за условите за кредитна линија од унгарскиот кредит, а во однос на користење на средствата од кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва. Задолжено е Министерството за финансии, во соработка со Развојната банка, да преземат активности околу операционализација на средствата од кредитната линија под следните услови:
– минимален износ по корисник до 10 милиони евра;
– рок на отплата од страна на крајниот корисник до 15 години, со вклучен грејс период до 3 години и квартална отплата по завршување на грејс периодот;
– фиксна каматна стапка од 1,95% без надомест за одобрување и управување;
– сопствено учество на крајниот корисник од минимум 20% од вкупната вредност на инвестицијата.
Дополнително, средствата од кредитната линија за финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски друштва ќе бидат наменети за финансирање на дејност производство и истите ќе можат да се користат за следните намени:
– инвестиции во опрема, како што се машини и останата опрема;
– недвижности (погони, фабрики , деловни објекти за сопствена употреба);
– транспортни средства поврзани со производствениот процес;
– обновливи извори на енергија наменети за производство на енергија и
– нематеријални средства како што се инвестиции во развојот и софтвери.
Исплатата ќе биде извршена врз основа на доставени фактури од страна на крајниот корисник со цел обезбедување на соодветна контрола на искористувањето на средствата.











