Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Утре ќе се објави огласот за избор на нов претседател на ДКСК

/

пред 441 дена

Сподели преку :

Огласот за избор на нов претседател на ДКСК ќе биде објавен утре, брифираат од Собранието за Телма, откако отказ од функцијата си даде Татјана Димитровска по обвинението за две кривични дела. Собранието во четвртокот го распиша огласот за пополнување на испразнетото место во Антикорупциската комисија. Огласот ќе трае 10 дена од денот на негово објавување во Службен весник.

Условите кои се бараа на последниот оглас за претседател на ДКСК беа кандидатите да се државјани на земјава, да имаат завршено високо образование, да се деловно способни, потоа да имаат најмалку 10 години искуство, од кои најмалку осум во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото или добро управување, а воедно и да не им е изречена забрана за врешење на професија и во последните 10 години да не биле пратеници.

Потоа предлогот за избор на претседател на ДКСК, ќе го утврди Комисијата за прашања на изборите и именувањата врз основа на ранг листата на кандидати кои ги исполниле условите. Роковите за избор на нов прв антикорупционер извесно е дека ќе се поклопат со распишувањето на локалните избори.

Собранискиот спикер Африм Гаши најави дека ќе ги распише изборите меѓу 5 и 10 август. На  брифинг со новинарите информираше дека ќе побара правно толкување на законот за да види дали може и по распишани избори, законодавниот дом да изгласа нов претседател на ДКСК, односно за избор на кандидатот да се гласа на пленарна седница.

Од невладиниот сектор повикаа Собранието да биде поажурно имајќи ги предвид забелешките кои ги имаа на претходниот избор и воедно да се избере нов претседател пред почетокот на кампањата за локалните избори. Во меѓувреме, Антикорупциската комисија ја води заменик претседател.

Кога се бираше овој состав на ДКСК при крајот на 2023 година, невладините обвинуваа за политички пазар и оркестрирано и необјективно гласање. Само двајца од седумтемина избрани членови добија високи оценки од невладиниот сектор. Димитровска на пример беше избрана со по 100 бода од политичките партии, но доби само по 20 од невладиниот сектор.

Мандатот на Димитровска и на останатите членови и започна на 8 февруари 2024 година, а таа оставка поднесе на 25 јули. Димитровска е обвинета за оддавање на службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.

Престанокот на функцијата претседател или член на ДКСК е пропишан во Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, според кој, функцијата престанува пред истек на мандатот во случај на поднесена оставка.

Инаку Димитровска се врати на старото работно место во Државниот завод за ревизија, кое и беше во мирување. Таа повторно ќе биде помошник на главниот државен ревизор.

Марија Митевска