Нашиот најпоставуван драмски автор во странство, Дејан Дуковски, се враќа на театарска сцена во Белград , 6 години по постановката во Југословенско драмско позориште на „ М.М.Е. кој прв почна“. Неговиот најнов текст „ Црно злато“ вечерва ќе има праизведба во Белградскиот драмски театар. Телма го контактираше Дуковски во пресрет на праизведбата, а тој вели дека текстот е фокусиран на распадот на современите семејства, под влијание на општествената, политичката, етичката и родовата транзиција. Тоа е чекор напред во драматуршката анализа на Дуковски, на аномалиите на Балканот.
- Ова е драма која што трга од еден далечен мотив на „ Парите се отепувачка“ на Ристо Крле. Меѓутоа отиде во нешто сосема друго. Таа е на некој начин драма за травестит на Балканот, ете така ако можам да кажам, условно. Меѓутоа, фокусот на драмата е сепак за распадот на една фамилија. Еден конфликт меѓу татко и син, кој што е недоразрешен, не е разрешен, а очигледно нема ни да се разреши. Така што темата за фамилијата е некако фокус, рече Дејан Дековски , автор на текстот „ Црно злато“.
Претставата ја постави Оливер Фрлиќ- Хрват од БиХ, познат по неговите провокативни читања на драмските текстови во регионот и Европа, што не ја оставаат публиката рамнодушна. Дејан Дуковски е благодарен на БДП што конечно ги споил и вели дека разговараат за заеднички проекти, во иднина. А, соработката на текстот „ Црно злато“ ја оценува како одлична.
- Најдовме една заедничка фреквенција и одлично функционираше целата наша комуникација и соработка, вели авторот Дуковски.
Жанровски, претставата е трагикомедија, дополнува авторот.
- Јас инсистирам на хумор, има доза на емоции, се разбира, кои што иако не се во сферата на патос, тие се на некој начин трагични. Така што јас не ги сакам тие жанровски одредници , ама да кажеме , ако баш некако мора да се одреди, јас би го ставил повеќе во трагикомедија или трагична фарса, кажа Дуковски.
Македонската публика кон крајот на годината ќе има можност да ја гледа премиерата на претставата „ Црно злато“, што во МНТ ќе ја постави режисерот Слободан Унковски. А, судејќи според аплаузот што актерите од БДП го добија сношти на генералната проба од одбраната публика, тандемот Дуковски- Фрлиќ направил хит претстава која од вечерва ќе има долг репертоарски живот.
Сотир Трајков











