Владеачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение до медиумите го повика Јавното обвинителство да отвори истрага за злоупотребите со онколошка терапија, кои го довеле здравствениот систем на Македонија пред колапс.
Според партијата, постои мафија која печали милиони на сметка на здравјето на граѓаните, особено на болните од рак, преку вештачки создадена криза со лекови. ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува СДСМ и ДУИ за заштита на веледрогериите кои злоупотребуваат високите цени и креираат вештачки недостаток на терапија.
Партијата бара сеопфатна истрага за сите злоупотреби и поврзаностите на политички и бизнис структури со фармацевтските компании. Од опозициската СДСМ пак велат дека не е нормално Владата да купува авион а да нема средства за лекови на граѓаните.
Обвинија дека надлежните си ја префрлаат топката кој е виновен, додека пациентите на Онкологија се без терапија.Според нив ова е резултат на неорганизиран пристап и неодговорно планирање од страна на властите, кои ги оправдуваат пропустите со административни процедури. Ваквата ситуација од таму ја нарекоа хуманитарна катастрофа.











