Зголемен број на прием на пациенти со мозочно крвавење, што отстапува од стандардната статистика бележи Неврологија, во ГОБ „8 септември. Високите температури, сувиот воздух и променливото време го зголемија ризикот во изминатите месец дена, па така бројот на пациенти со мозочно крвавење го надминува бројот на пациенти со мозочни удари. Станува збор за пациенти на возраст меѓу 50 и 80 години.
- „Во однос на процентуалната застапеност на сите акутно цереброваскуларни болести во кои спаѓаат мозочни удари и крвавења, класичната статистика е 80% мозочни удари, а околу 15% мозочни крвавења. Она што сега го гледаме кај нас е зголемениот број крвавења, веројатно и отстапкатата од таквата статистика, што е светски тренд. Веројатно, повторно ќе кажам ние немаме студија која се занимавала со микроклиматските услови, меѓутоа екстремните температури над 40 степени и тоа неосетно потење, занемарување на брзото губење на течности и електролити битно партиципира во мозочната хеморагија овој летен период“, изјави д-р Илија Здравков, невролог во ГОБ „8 септември“
Во моментов, на Одделот за мозочни удари и интензивно лекување се хоспитализирани шест пациенти со генерално потешка клиничка слика, четворица од нив се со мозочно крвавење.
Многу пати лекарите дадоа препораки за топлотниот бран и ризиците кои ги носи, но дали можеме да говориме за здравствена култура затоа што се случува граѓаните често пати и да го преценат сопственото здравје.
- „Се има впечаток дека на Балканот, не само кај нас, дека тоа почитување се занемарува и моето искуство, а и на колегите е дека голем дел од пациентите сами се преценуваат и избегнуваат земање на редовна терапија, на пример за покачен крвен притисок“, вели доктор Здравков.
„Во зависност од тоа каде ќе биде крвавењето, различни се и симптомите. Меѓутоа најчеста клиничка слика е одземеност на една половина на телото, одземање на рака или нога, нарушување на говорот и многу често нарушување на свеста до кома“, додава Здравков.
Здравков со апел до граѓаните да бидат внимателни со климатизацијата во затворен простор и во автомобилите, да не ги потценуваат наглите температурни шокови и симптомите кои може само навидум им изгледаат безопасни и доволен внес на течност.
Нина Стефанова











