Без возачка дозвола прегази 79 годишната жена во центарот на Скопје и сега е во бегство. Со меѓународна потерница ќе се бара осумнаесет годишниот возач и неговиот татко, кои ја напуштиле државата по сообраќајната несреќа. Уапсени се и нивните помагачи кои со нивниот мерцедес ги пренеле преку граничниот премин Табановце. Несреќата се случи вчера околу 11:30 часот на улицата „Народен фронт“ во Скопје. Осумнаесетгодишното момче со фолксфаген пасат со скопски регистарски таблици кој бил во сопственост на неговиот татко удрил во 79 годишната жена која подоцна почина од здобиените повреди. Тој не се обидел да и помогне на жената, туку веднаш со автомобилот избегал.
„По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови. Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола“, соопштија од обвинителството.
Полицијата преку камерите на „Безбеден град“ и дополнителни проверки на камерите на околните објекти, како и изјави на сведоци, утврдиле дека пасатот е во сопственост на 45 годишниот татко на момчето.
Возилото полицијата го пронашла пред домот на неговиот сопственик, но таму не ги нашла таткото и синот, туку друго 69 годишно лице кое бил однесено во станица на разговор.
Полицијата тогаш утврдила дека тие во текот на вчерашниот ден избегале од државата со помош на 45 и 53 годишно лице со друг автомобил од марката мерцедес.
„Утврдено е дека возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45), со помош на Ш.П. (45) и А.Ј.(53) од Скопје, ја напуштиле државата во текот на вчерашниот ден. Ш.П. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за сторено кривично дело „помагање на сторител во извршено кривично дело“ по чл.365 ст.2 а во врска со чл.300 и 301 од КЗ.“ – соопштија од МВР.
Против момчето кое ја прегази жената е поднесена кривична пријава за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и за ,,неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода”.
Казните за двете кривични дела за кои се сомничи момчето се движат од една до десет години и од од три месеци до пет години.
Полицијата притоа го пронашла и мерцедесот кој синот и таткото го искористиле за бегство од државата. Одземени се и двете возила.
Марија Митевска











