Иако тетовското комунално претпријатие „Шари“ го санираше последниот дефект на лешничкиот водоснабдителен систем, сепак, проблемот не е решен долгорочно. Изминатиот период неколкупати имаше посериозни дефекти на мрежата во планинскиот предел, што се повторува секогаш при лоши временски прилики. Тоа резултира со воведување на чести рестрикции на водата за пиење во Тетово, поради што во некои делови има прекини на водоснабдувањето по неколку часа, а во погорните населби и подолго.
Жителите се револтирани. Велат сметки добиваат, а услугата не е целосна. Постојано мора да полнат залихи и да купуваат вода.
„Купуваме. Ќе купиш буренце и ја трошиш таа. Главно лошо. Лошо е без вода“, велат тетовци.
„Јас сум од стариот дел на Тетово. Вода слабо, притисок нема. Водата што полниме за резерва е за технички работи, а за пиење купуваме“, ни изјави нивни сограѓанин.
Првиот човек на општината вели Лешничкиот систем, кој беше пуштен во употреба во 2017 година, има многу недостатоци. Најавува активности за подобрување на водоснабдувањето на пролет.
„Имаме добиено проект за смена на главниот цевковод од фиртер станицата до базенoт што е над градот Tетово што е околу 2 милиона проект и следна фаза ќе одиме и со санација и смена на доводот на вода од Лешница. Значи работиме редовно, но тоа што е важно што јкп интервенира редовно и ги санира дефектите кои се, јас сум рекол од порано, дека се тие дефекти поради неквалитетните инвестиции кои се направени во минатото“, изјава Биљал Касами, градначалник на Општина Тетово
Тетово нема доволно вода и поради неконтролираната урбанизација и нерационалното трошење.
Данијела Билбилоска











