Во нивниот дом ќе ве пречекаат со таква топлина и ведра насмевка што ви доаѓа да се засрамите за какви баналности сте биле загрижени и замислени во животот. Тие ги нарекуваат станбени единици во кои живеат 24 часа со своите воспитувачи со кои ги споделуваат своите потреби и желби, за нашата екипа тоа беше дом во кој со нетрпение се чека Новата година и сето она што таа со себе го носи. Желбите на децата без родители и родителска грижа се само уште една потврда кои се најважните нешта во животот.
„На сите деца да им се исполнат соништата кои ги посакуваат, оние луѓе кои се сиромашни да имаат свој дом, оние животни кои се на улица да бидат вдомени. Најголемата желба ми е кога луѓето се исполнети со радост. Кога ќе дојде мало дете, девојче и кога ќе каже мојата желба се оствари“, вели Деспина.
„Мене лично среќна ме прават моите другарки, кога делам тајни, љубовни тајни и се што се случува околу мене и тие секогаш биле тука за мене. Исто така ме прави среќна кога ќе се вратам дома и ќе им раскажам на воспитувачите мои како сум поминала на дејт со некое дете кое многу ми се допаѓа, некој што ќе ме сослуша и ќе ми даде совет и се трудам да го применам тој совет“, изјави Силвана.
Претпоставувам љубовта е нешто кое е најважно во животот ?
„Па кога си заљубен не знаеш каде си и си на седмо небо“.
И сега си вљубена?
„Да“.
На прашањето што би сакале да биде нивна професија без дилема велат педагог, лекар, социјален работник и инспектор кој ќе ги реши неправдите. Тие непогрешиво знаат кои се болните точки на едно општество и бараат секое дете да биде со насмевка 365 дена во годината.
„Сакам да студирам на Факултет за социјална работа и социјална правда. Сакам на сите вработени во социјалното да им покажам дека детската љубов е најважна, едно дете да има родител, да е заштитен да има некој да го гушне, да го бакне и секогаш да биде тука, бидејќи секое дете од нас заслужува да има родител или некој близок“, истакна Анастасија.
Зимскиот распуст е можност да ги правиме сите нешта за кои сме немале доволно време. Како сакаш да ти помине зимскиот распуст?
„Сакам да го поминам со сестра ми тука. Да се шетаме и да играме игрици“, е желбата на Елена.
„Мене ми е многу важно да имам некој кому ќе му кажам како се чувствувам, кој секогаш ќе биде тука за мене и кој никогаш нема да ме издаде“, вели Моника.
Најмладите имааа можност да се дружат секој со својот Дедо Мраз на кој претходно му испратија писма со своите желби. Се трудиме нивните желби да бидат реалност, вели Влаховиќ, која повеќе од 20 години е посветена на децата без родители и родителска грижа.
„Желбите на децата се секаде исти па и кај нас. Актуелен од секогаш бил Дедо Мраз. И денес постои и ние се трудиме се да обезбедиме благодарение на многу хумани луѓе кои доаѓаат и ги посетуваат во установата, но исто така и по организационите единици и нема поголема радост од тоа кога дете ќе добие новогодишно пакетче“, порача Розетка Влаховиќ, в.д. директорка на ЈУ „Детски Дом 11 Октомври“ од Скопје.
За овие деца најголема желба е сите да бидат среќни и како што велат човек треба да биде свесен дека во животот не може секогаш да биде се совршено, тие тоа многу рано го осознале, но човек не треба никогаш да се обесхрабри во остварувањето на својот сон.
Нина Стефанова











