Во тешка сообраќајна несреќа што се случи на скопската обиколница, во близина на Радишани, загинаа 3 момчиња на 20 години и таткото на едно од момчињата.
Трагедијата се случила кога возач на камион изгубил контрола над возилото, ја преминал металната ограда на автопатот и удрил директно во автомобилот во кој биле сега починатите.
„На 21.05.2026 во 23:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница на Град Скопје, помеѓу надвозник Визбегово и клучка Мирковци, Б.Б.(76) од Косово, управувајќи товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки, изгубил контрола над возилото и со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.В.(51) од Скопје“, соопштија од МВР.
Од сударот настанал пожар во двете возила од кој патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот Р.В. и сопатниците од неговото возило, А.В.(20) и П.М.(20) од Скопје и уште едно лице чиј идентитет засега е непознат.
Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција.
Возачот е лишен од слобода и задржан во полициска станица.










