Маскирани и вооружени мажи влетаа во емисија што се емитуваше во живо на јавен телевизиски канал во Еквадор, додека претседателот на земјата издаде декрет со кој изјави дека јужноамериканската земја влегла во „внатрешен вооружен конфликт“.
Мажите вооружени со пиштоли и прачки динамит упаднаа во студиото на телевизија ТЦ во пристанишниот град Гвајакил и извикуваа дека со себе имаат бомби. Во позадина се слушаа истрели, но за сега не е јасно дали во инцидентот има повредени лица.
Еквадор беше потресен од серија напади, вклучително и киднапирање на неколку полицајци, по бегството од затвор на лидер на моќна банда.
Претседателот Даниел Нобоа во понеделникот рече дека ќе прогласи национална вонредна состојба, мерка која им дозволува на властите да ги суспендираат правата на луѓето и да ја мобилизираат војската на места како затворите.











