Чист воздух, вода и здрава животна средина – државата е должна ова да го обезбеди, а во спротивно граѓаните ќе можат да тужат.
Врховните судии донесоа начелно правно мислење, судската власт да застане во одбрана на правата на граѓаните, во случај кога не се ефикасни органите на управата.
Правото на здрава животна средина е загарантирано со Устав.
Согласно националната и меѓународната правна регулатива, државата е должна да обезбеди здрава животна средина меѓу кое е и правото на чист воздух како поединечно право на граѓаните, кои како странка во управна постапка можат да бараат да се задолжат надлежните органи да ги донесат основните плански документи од членот 23 од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух како општи акти, кажа Беса Адеми – Претседателка на Врховниот суд на РСМ.
Во недостаток на уставна тужба, единствен достапен механизам за граѓаните досега беше предвиден со Законот за управни спорови, пред Управниот суд.
Управен ги отфрлал тужбите против институциите, па така ова прашање се најде на општа седница на Врховен, по иницијатива на група адвокатски друштва од Охрид.
Тие ги воделе тужбите на граѓаните кои паднале на Управен.
Денеска, општата седница на Врховен се одржа со учество и на професорот по управно право, Борче Давитковски.
Давитковски ја повика судската власт да ја заузда извршната власт, за која оцени дека е најголемиот прекршител на човековите права и слободи.
Судската власт треба да застане во одбрана на правата и интересите на граѓаните. Не може овде да се инсистира, според мене не може да се инсистира на поединечен акт како што тоа го толкува Управен суд, само за поединечни акти. Затоа што ако на тоа се инсистира тогаш јавните органи засекогаш ќе бидат амнестирани во нашата држава, кажа д-р Борче Давитковски, професор по управно право во пензија.
Дебатата околу тоа дали државата е одговорна за загадениот воздух, Врховен ја отвори кон средината на месец јули.
Повод за иницијативата на адвокатите од Охрид се два различни предмети кои од Управниот суд стигнале до Врховниот.
Жители од Скопје и Струмица тужеле поради непостапување на институциите – почнувајќи од Владата па сѐ до инспекторатите, како и отсуството на ефективен Акциски план за здрава животна средина.
Петар Догов











