Зачудувачко лоши се резултатите од истражувањето за насилството помеѓу најмладите.
Со овие зборови, претседателката на Институтот за човекови права се обиде да долови каква е состојбата низ скопските училишта.
Од вербални напади со погрдни зборови, до мал физички контакт или размена на тупаници. Насилство во секоја форма вирее во училишните ходници.
Децата знаат да бидат неверојатно силни во изнесување на овие навреди. Од друга страна, децата спрема кои е упатена таа навреда, или направена таа дискриминација, немаат некои големи можности за одбрана, вели претседателката на институтот за човекови права, Маргарита цаца николовска.
Дури третина од 995 анкетирани ученици биле жртва на некаков вид на врсничко насилство. За состојбата да е уште попоразителна, мнозинството од нив сметаат дека само мал дел од булингот се пријавува и најмногу се случува во основно училиште.
Физичкото насилство секогаш е присутно ама новите времиња донесоа и нови начини. Дури и опаѓа бројот на тепачки и други видови на физички пресметки помеѓу учениците, на сметка на психичкото насилство, вербалниот булинг и електронското насилство.
Пристапот на секое дете до сè и сешто на интернет просторот, често излегува од контрола.
Дури и да не се земе насилството предвид, ете ситуацијата со Ковид-19 и сето тоа што нѝ го донесе – со тоа нѝ се зголеми бројот на ученици кои доаѓаат со панични или анксиозни напади. А, камоли кога се соочени со ситуација на булинг, кога верувајте дека не им е воопшто едноставно да поплачат и да пријават. Се доживуваат ранливо, засрамени се, имаат чувство дека не можат да се справат. Ние сè уште имаме една култура на „око за око, заб за заб“. Па, ако не си подготвен да се караш и да се расправаш тогаш ти останува да си трпиш и да си ја собираш болката во себе, вели училишниот психолог Гордана блажевска-спиридонова.
Во однос на говорот на омраза и дискриминацијата, мнозинството ученици се свесни дека тоа постои во училиштата.
Учениците знаат и чувствуваат дека овие феномени ги има насекаде околу нив во основно и во средно.
За разлика од нив, анкетираните наставници биле значително помалку свесни за тоа што се случува.
Петар Догов











