Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Втор обид за функција за Верзиволи, и актуелна локална советничка кандидат за Советот на ААВМУ

/

пред 692 дена

Сподели преку :

Втор обид власта да ѝ најде функција на Афрона Верзиволи, која ѝ стана позната на јавноста откако летоска се изјалови обидот да стане главен ревизор за ИПА фондовите во Македонија, затоа што нема соодветен ревизорски сертификат.

Таа сега претендира да биде избрана за член на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, главно тело за регулација на медиумите во земјава.

Законот забранува за член на Советот да биде избрано лице кое е именувано од страна на Собранието или Владата.

Таа во август беше именувана од владата за Главен ревизор за ИПА, па десетина дена подоцна беше разрешена, откако се утврди дека нема соодветен сертификат, а Антикорупциската комисија отвори постапка.

Законот исто така забранува за членови на Советот да бидат избрани лица кои биле членови на раководни органи на политичките партии во последните 10 години. Таа не е, но нејзиниот сопруг Адриан Демири минатиот месец беше избран за шеф на важниот локален огранок на Алијанса за Албанците во Липково. Партискиот лидер Арбен Таравари на Фејсбук се пофали со изборот.

„Во Липково, каде што мудроста и добрите луѓе се препознатлива карактеристика на оваа земја, за претседател на огранокот го избравме Адриан Демири со што ја комплетираме нашата цел „Кон подобро“, напиша Таравари на Фејсбук на 22 октомври.

Уште поспорна биографија има кандидатката Нафие Селмани. Во 2017 година, таа беше кандидат за градоначалник на Скопје од партијата Беса, на локалните избори во 2021 беше избрана за советничка во Советот на Општина Чаир од Алтернатива, а на парламентарните избори годинава беше кандидат за пратеник во првата изборна единица од Коалицијата Вреди. До 2021 година била дел од раководството на Алтернатива, за што сведочат и објавите на социјалните мрежи на партискиот лидер Африм Гаши.

„Денеска заедно со членката на Централното претседателство Нафије Селмани се сретнавме со францускиот амбасадор во земјава г-дин Кристијан Тимоние“, објави Гаши на Фејсбук на 4 март 2020 година.

Весникот на албански јазик Коха пред неколку дена праша кој работи на политизација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Собраниската Комисија за избори и именувања минатата недела ја изгласа листата на кандидати за членови на Советот на Агенцијата, меѓу кои поминаа и Селмани и Верзиволи.

Без да ги спомене по име, членката на собраниската Комисија од Европскиот фронт, Илире Даути ја напушти седницата бидејќи, како што рече, има членови чии кандидатури се спротивни на член 5, став 3, кој наведува дека „членови не можат да бидат лица кои во изминатите 10 години до денот на објавување на конкурсот биле или се дел од партиски органи“.

Законот бара кандидатите да имаат работно искуство од најмалку осум години во струката и кои во јавноста се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото.

Беа пријавени 31 еден кандидат, во меѓувреме еден се откажа, а шестмина беа дисквалификувани зашто не донеле уверение за државјанство, па останаа 24. Најголем дел од кандидатите се новинари и медиумски работници, членови или вработени во Агенцијата или информатичари и електроинженери. Собранието со двотретинско мнозинство треба да избере седум члена на Советот на Агенцијата за медиуми.

За в среда е закажана јавна расправа за кандидатите, во Комисијата за избори и именување.

Сегашните членови на Советот беа избрани во 2014 со мандат од 7 години. Законот потоа се смени за мандатот да се скрати на 5 години, но беа донесени измени мандатот да им трае додека не се изберат нови. Со години Собранието не можеше да изгласа нови, што беше нотирано и во извештајот на Европската комисија за Македонија.

Срѓан Стојанчов