„Руската Федерација е подготвена да преговара со Украина, имајќи ја предвид реалноста која моментално се развива“, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.
Изјавата дојде непосредно пред руските генерали да кажат дека силите ќе се повлечат од Херсон.
Изјавата на Захарова е коментирана со скепса од страна на меѓународната заедница, но медиумите јавуваат дека постои барем можност тие да ја одразуваат вистинската подготвеност на Москва да стави крај на нејзината катастрофална инвазија. Сепак, останува многу сомнително дали ќе се постигне договор со Киев.
И покрај официјалното соопштение на рускиот министер за одбрана, украинските власти не сакаат да веруваат дека Москва ќе се повлече од клучниот град Херсон.
Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак изјави дека е „премногу рано“ да се зборува за повлекување на Русија и дека неговата земја „не обрнува внимание на руските изјави“ бидејќи „зборовите и постапките се различни“.
Подољак додаде дека се додека украинското знаме не се вее над градот Херсон, нема смисла да се зборува за повлекување на Русија.
Русија пред околу еден час им нареди на војниците да се повлечат од западниот брег на реката Днепар поради украинските напади во близина на јужниот град Херсон. Херсон е најголемиот украински град под руска контрола и е клучна цел и за Русија и за Украина.











