Законот за средно образование ги конфронтираше министерката за образование Весна Јаневска и ДУИ.
,,Законот за средно образование кој го предложивме во Собранието и предвидуваше повеќе нови права и можности за наставниците, стручните соработници, учениците и родителите, вклучително и изборна можност за интонирање на македонската химна во училиштата, ќе почека некоја недела за усвојување. Во меѓувреме ќе ја подобриме неговата содржина. Денеска го повлеков од дневниот ред, за да не дозволам ДУИ да го закочи усвојувањето на целата нова правна регулатива во образованието, на која заедно со бројни општествени чинители, макотрпно работевме во изминатите неколку месеци. Користејќи националистички реторики, обвинуваат за создавање наводно некаква си меѓуетничка нерамноправност. Убаво ќе беше да си ја сакаат татковината, државата каде се образуваат, работат и земаат плата и да изразат почит кон нејзините симболи. Но, гледаме нешто друго.Заради остварување на партиски цели и програми, спремни се да го спречат развојот, јакнењето на основниот столб на државата – образованието. Со вакви потези несвесно, тие го уназадуваат и воспитно – образовниот процес на сите деца, независно на која етничка заедница припаѓаат. Но, очигледно тоа и не е така важно”, напиша министерката за образование Весна Јаневска на Фејсбук.
На тоа реагираа од ДУИ кои велат ние ја сакаме државата и затоа сме против овој закон.
,,Ние се спротивставивме на овој закон за да ја заштитиме државата и мултиетничкиот карактер на нашата земја од поединци како вас, кои не веруваат во соживот и меѓусебна почит. Вашиот слеп ентузијазам кој изгледа како „моќна бура“, но тој е непромислен и краткотраен, додека штетата што можете да ја предизвикате ќе биде долгорочна. Вашиот пристап, кој исклучува и создава тензии, претставува закана за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност. ДУИ се спротивстави на овој закон затоа што се грижиме”, стои во реакцијата на ДУИ.











