Во деновите од викендот со недостиг на вода за пиење се соочија жителите на повисоките делови на Тетово и на зградите кои што немаат поставени хидрофори. Реакции имаше и на социјалните мрежи. Граѓаните бараат одговори како градот под Шара се соочува со вакви проблеми.
„Шар Планина ни е полна со вода. Е сега што треба? Нашите домаќини на градот да ја донесат водата, дека многу згради се направија“.
„Точно е дека Шар Планина е издашна со вода, е сега изградбата на хидроцентрали ја пореметува природата“.
Од Јавното комунално претпријатие денес свикаа прес конференција преку која побараа разбирање од граѓаните и апелираа да се штеди вода, објаснувајќи дека Тетово моментално се снабдува со само околу 220 литри вода во секунда. Поради заматување по врнежите од дожд, настанува автоматско исклучување на лешничкиот систем, кога вредноста надминува максимално дозволена вредност од 2.
„Заматувањето ни покажува 14, така што ние ги губиме тие 130-140 литра што ги носи отворениот лешнички зафат и сме обврзани да го затвориме тој систем додека не се промие. Пратејќи ја хидролошката состојба во наредниве денови гледам дека ќе се соочуваме со истата состојба и наредниот период“, вели Љуљзим Шаќири, ЈКП Тетово
Од ЈКП велат дека работат на пречистување на водите на лешничкиот систем, но за тоа треба подолг временски период.
„Зависно од индексот на заматеност, промивањето трае од 8 до 12 часа некогаш и повеќе. Тоа е единствениот начин на решавање на проблемот, вели Шаќири.
Проблеми на лешничкиот систем се појавија и во претходните години, со дефекти на мрежата поради лизгање на земјиште во зимскиот период.
Данијела Билбилоска











