Заменик градоначалникот Александар Трајановски си поднесе оставка, градоначалничката Данела Арсовска му возврати – разрешен си пред три месеци. Причина за заминувањето на советникот од ГРОМ е тоа што не можел да го гледа веќе мобингот на вработените, како и тоа дека не сакал веќе да се чувствува како да е „градоначалник на ДУИ на Општина Сарај“.
Од Град Скопје тврдат дека Трајановски е разрешен пред три месеци, бидејќи го нарушил угледот на Градот и не ги извршувал работните задачи. Ги демантираат обвинувањата на Трајановски за влијание од ДУИ како лажни вести и несериозни обвинувања.
„Единственото барање на ова лице за кое е свесна градската администрација е неговата желба да добие канцеларија, службено возило и службен телефон. Друга комуникација, уште помалку во смисла на активен придонес кон работата на Градот, ова лице немало во последните две години. По однос на обвинувањата на Трајановски за некакво „влијание од ДУИ“, сакаме целосно да ги демантираме како лажни вести и несериозни обвинувања. Кадрови решенија Град Скопје немаше две години, ниту постоеше можност за вработувања поради неизгласани планови за вработување, а доколку истото некогаш би се реализирало, би било врз основа на распишан оглас за вработување, со единствен критериум – исполнување на квалификациите и избор на најдобрите кандидати според закон“, одговорија од Град Скопје.
Градоначалничката Данела Арсовска го назначи Александар Трајановски за заменик градоначалник во септември во 2022 година, а тој е советник во Советот на Град Скопје од партијата ГРОМ. Трајановски дојде на местото на Бујаре Абази од Алијанса за Албанците која си поднесе оставка.
Симона Петровска











