„Животот нема рестарт“ е мототото на кампањата за подигање на јавната свест за заканите од мало и лесно оружје реализирана од Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за внатрешни работи и ОБСЕ. Оружјето не е играчка, насилството не е игра, последиците се трајни. Кампањата е дизајнирана не само да ја подигне свеста, туку и да го спречи ризичното однесување, да промовира ненасилно решавање на конфликти и да негува култура каде што почитта и одговорноста ги дефинираат општествените норми, рече Килијан Вал , амбасадор на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Секој ден над 600 луѓе во светот го губат животот поради огнено оружје, во убиства, самоубиства и несреќни случаи. Младите се најзагрозени и токму убиството, честопати со употреба на огнено оружје е меѓу водечките причини за смрт на младите меѓу 15 и 29 години. Кампањата „Животот нема рестарт“ за заканите од мало и лесно оружје се спроведува во повеќе училишта низ Македонија.
„Апелирам до родителите да обрнат внимание што носат децата во нивните ранци, а секако и на наставниците да го препознаат агресивното однесување. Ние како МОН вложуваме многу преку националните програми за да го обучиме наставниот и стручниот кадар како да препознаат непожелни однесувања и да го спречат евентуалниот настан“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Да се зајакне свеста кај младите генерации за ризиците кое оружјето ги носи со себе и иницијативи кои ќе ги здружат институциите со една заедничка цел зајакнување на безбедноста и отпорноста низ целата земја, рече амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Килијан Вал.
„Кампањата става силен и намерен фокус на младите. Таа препознава дека иако пристапот до огненото оружје може да биде ограничен, изложеноста на наративи што го нормализираат насилството останува загрижувачка. Навременосто справување со ова е од суштинско значење“, потенцираше Килијан Вал, амбасадор на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Животот не е игра и секоја постапка носи последици и тоа особено важи за оружјето, рече министерот Тошковски.
„Лично особено ми е драго што оваа кампања е насочена кон младите. Оружјето не е нешто што треба да се романтизира или пак потценува. Тоа не е забава и носи реални и сериозни последици. Многу често е доволно една непромислена одлука, еден момент на невнимание, за да се предизвикаат доживотни последици кои не се однесуваат само на поединецот, туку на неговото семејство, пријатели на целата заедница“, рече Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Воедно министерот Тошковски се осврна и на случаите со семејно насилство потенцирајќи дека во сите сегменти треба да се подигне јавната свест, да се увидат системски подобрувања кои и те како треба да се направат во иднина. Да нема процеси кои дополнително ја виктимизираат жртвата, забележа Тошковски.
Нина Стефанова
Дигитална обработка: T.Д.











