Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Затворена мензата во РЕК Битола по сомнеж за труење – 120 работници се јавиле на преглед

/

пред 195 дена

Сподели преку :

Во вонреден инспекциски надзор на Дирекцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, ИЈЗ и Центарот за јавно здравје, затворена е работничката менза во РЕК Битола поради сомневање за труење со храна. Инспекторите констатирале хигиенски пропусти, како и неважечки санитарни книшки кај тројца од 59 вработени, по што е наредено вонредно чистење и дезинфекција, како и здравствени прегледи за целиот персонал. Паралелно, земени се брисеви и примероци од храна, а резултатите треба да покажат дали станува збор за труење.

Досега околу 120 вработени побарале лекарска помош поради стомачни тегоби, по консумирање оброк, лазањи со сос, подготвен во кујната на РЕК Битола.

„Освен 80 пациенти кои се јавија на преглед вчера до 15 часот, во текот на ноќта до утрово во Ургентното одделение имаше уште 40. Сите имаат лесна до средно тешка клиничка слика – дијареја, повраќање, дел се и со температура и дехидратација. Дел се третирани амбулантски, а некои ќе доаѓаат наредните денови на терапија. Само еден пациент е хоспитализиран“, изјави д-р Хараламбос Сидиропулос, инфектолог во Клиничката болница Битола.

Од комбинатот пак, во соопштението меѓу другото наведуваат дека истата храна ја конзумирале и вработените од „Термо“ на РЕК Битола, каде што не се пријавени никакви симптоми.

Националниот протокол за постапување во вакви случаи предвидува поведување на кривична постапка, доколку врз основа на резултатите од земените брисеви и мостри се потврди дека изворот на заразата е објектот кој е предмет на надзор.

Битолското обвинителство соопшти дека е известено за сомнежите за труење со храна во РЕК Битола и ги координира дејствијата за целосно испитување на настанот. Забраната за користење на мензата останува на сила, сè додека не бидат добиени резултатите од анализите.

Емилија Мисирлиевски