Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Зелен Хуман Град за Дрисла: Дали премиерот мисли дека скопјани се лоботомирани?

/

пред 406 дена

Сподели преку :

Депонијата „Вардариште“ не ја создаде оваа Влада во изминатите 15 месеци. Тоа е создавано 35 години, а може и повеќе, ама ние ќе го решиме. Ќе ја средиме и депонијата „Дрисла“, ќе ја спакуваме и ќе личи на модерна европска депонија со фабрика, која ќе произведува енергија и ќе го произведува, складира и рециклира отпадот, откако вчера ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски за проблемот со депонијата Дрисла, денеска со реакција се јавија од „Зелен Хуман Град“ од каде велат дека јавно-приватното партнерство е форма на капиталистички екстрактивизам, јавните добра се гледаат како пазар за профит. Тоа значи дека здравјето, чистиот воздух, пристапот до услуги – се претвораат во роба.
-Премиерот вчера изјави дека неговата партија ќе барала на тендер фирма за јавно-приватно партнерство што ќе управувала со Дрисла. Неговата партија не го создала проблемот со депониите, ама ќе го решела.Неговата партија веќе го спроведе „решението“ со јавно-приватно партнерство за Дрисла. И што ни донесе тоа? Една деценија изгубена и нула од ветените инвестиции. Отпадот во рацете на криминалци кои според јавно достапните информации извршиле нерегулиран увоз на контејнери со отпад, истакнуваат од Зелен хуман град. 
Оттаму потсетуваат и дека според Европската комисија меѓу 15 и 30% од отпадот кој се извезува од ЕУ земјите завршува како нелегален транспорт во некоја од земјите што не се ЕУ–членки, особено во земјите со слаба легислатива за управување со отпад и уште послаба имплементација како што е Македонија.
-Се декларирате како патриоти, не постои попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија, од заштита на животната средина! Секоја следна година се давиме во сè повеќе отпад и дишеме сѐ позагаден воздух од кој умираат илјадници луѓе годишно! На власт се луѓе за кои нашите животи немаат никаква вредност!
Не сме ние невладини што се бунат, ние сме жители на овој град и нема да дозволиме да ви плаќаме за да нѐ труете и да нѐ убивате! Со години нудиме решенија за третман на отпадот во Македонија што освен што ќе гарантира заштита на нашето здравје и нашите животи, ќе гарантира и заштита на животната средина, велат од невладината.
Обезбедувањето на депониите,  нивната санација, ремедијација, итн. според нив е само третирање на симптомите. Посочуваат дека  нудат  решение со кое ќе се отстрани од корен  проблемот, решение со кое депонирањето повеќе нема да биде практика во Македонија за да има потреба да се трошат повторно и повторно и повторно јавни, пари за физички да се обезбедуваат депониите, да се гасат пожари, да се лечи народот од последиците, да се закопуваат прерано најблиските.
Порачуваат дека депонирањето е практика од минатиот век и не му е местото во општествата од денешницата. Современите општества се стремат кон нула отпад.
-Нула отпад како концепт значи најнапред обезбедување дисперзирани компостари за биоотпад во секое маало од кои ќе се добива компост (органско ѓубриво за почва) или биогас. Во Македонија/Скопје меѓу 60 и 80% од вкупниот комунален отпад е биоотпад.
Ако успешно го спроведеме биокомпостирањето тоа ќе значи елиминирање на 60-80% од отпадот кој завршува во нашите контејнери, елиминирање на 60-80% од трошоците кои сега сите ги плаќаме за транспорт и за депонирање на тој отпад.
Второ, државата/Градот Скопје паралелно да инвестираат во постројки за преработка на градежен шут. Наместо тој да се истура на секој чекор во природа и да создава минидепонии ќе може да се преработува и да се реискористува во градежната и поврзаните индустрии.
Трето, Градот Скопје и институциите под негова надлежност се должни да ги користат медиумите за масовно известување за да гарантираат ефективност и правилно спроведување на примарната селекција на отпад (стакло, метал, пластика, хартија, електронски отпад).
Работилници за поправка и реупотреба на мебел како и електронски уреди е четвртиот многу важен столб од концептот нула отпад.
Градот може да поттикне социјално претприемаштво и да формира јавно-граѓански партнерства со здруженија/иницијативи кои веќе работат во оваа сфера.
Најпосле, одделните фракции отпад и таа мала количина мешан комунален отпад кој ќе остане можеме и мораме да го извезуваме надвор од Македонија во земји каде што институциите постојат и соодветно ќе се справат со него, наместо да си го трупаме локално и со тоа да си ги труеме почвата, водата, воздухот. Веќе долги години Македонија нема функционални институции ниту има функционални инспекциски служби, а како потписничка на Базелската конвенција има право на извоз на отпад, стои во реакцијата на „Зелен Хуман Град“. 
Истакнуваат дека Јавно-приватното партнерство е форма на капиталистички екстрактивизам и дека  јавните добра се гледаат како пазар за профит.
Тоа значи дека здравјето, чистиот воздух, пристапот до услуги – се претвораат во роба. Јавната контрола исчезнува, одеднаш процесите и податоците стануваат „деловна тајна“. Приватникот нема интерес да ја намали количината отпад (нула отпад), туку обратно, му треба постојан проток на отпад за да има профит. Во практика јавно-приватно партнерство значи дека јавен капитал и јавни ресурси се префрлаат во приватни раце, а ризиците и штетите остануваат за граѓаните. Приватникот инвестира минимално, а извлекува максимален профит преку буџетска поддршка и субвенции. Приватникот никогаш не влегува од алтруизам туку бара гарантиран профит, договори на 20–30 години, монополи. Тоа е класична форма на приватизација на јавното на мала врата! Злоупотреба на јавни пари, со нив да управуваат приватници и моќници блиски до власта.
Сите го паметиме случајот со увоз на токсичен отпад – отпадно масло забрането во ЕУ кое во Македонија лажно се претставувало како мазут и се користело и за загревање на државни институции, меѓу кои и болници. Неговиот увоз во земјава според Базелскиот институт било овозможено благодарение на политичка моќ и конекции кои биле инструментализирани да се изиграат процесите на јавни набавки, да се оневозможат контролните механизми и механизмите за мониторинг, како и да се избегнат санкции. На Дрисла не ѝ требаат странски пари ниту донации. Нам не ни требаат пари од валкани бизнисмени и донации за перење пари и перење совест. Нам ни треба нашите пари со кои за несреќа располагате да бидат наменети за приоритетите што ние, граѓаните, ги имаме, наместо да завршуваат во џебовите на корумпирани политичари, порачуваат од невладината.