Околу 600 илјади евра Министерството за надворешни работи ќе потроши за изнајмување на возила за потребите на самитот на ОБСЕ кој ќе се одржи во декември во Скопје. Но, она што може да се забележи од склучениот договор со фирмата АБЦ РЕНТ А КАР ТУРС е дека цената по која ќе се изнајмува едно возило е повисока двојно или тројно од регуларната цена по која еден обичен граѓанин би изнајмил возило од посочената фирма. Но, далеку пониска, за тројно е и цената за изнајмување на возила за редовните потреби на МНР, што исто така е предмет на договорот.
Вкупниот тендер е во вредност од околу 960 илјади евра, за двете намени.
За потребите на самитот на ОБСЕ е предвидено да се изнајмат минимум 35 вип патнички возила на 7 до 8 дена, кои не се постари од 2014 година. Цената за изнајмување на еден ден без ДДВ ќе го чини министерството околу 550 евра со пресметан данок.

За илустрација за истиот тип на возило во истиот тендер со истата фирма, но дополнително и со возач за низ Скопје, за изнајмување на возила за редовните потреби на МНР ќе бидат издвоени далеку помалку пари или околу 180 евра со данок на ден за автомобил.
Цените се различни и за обичните корисници. Ако се погледне ценовникот на АБЦ објавен на нивната веб страна може да се види дека најскапото возило кое го поседува фирмата е Ауди А4 и за негово изнајмување од 7 до 13 дена дневно би го чинело еден граѓанин 296 евра. МНР за ова возило на дневно ниво ќе плаќа по речиси двојно повеќе.

За разликите во цените од фирмата не упатија во МНР од каде не ни одговорија на прашањата.
Прашан дали смета дека сума е претерана за ваква намена, премиерот Ковачевски вчера не одговори конкретно.
„Со оглед на тоа дека има недостиг на такви возила за потребниот период, Министерството за надворешни работи имаше отворено постапка којашто е спроведена согласно законите и во рамките на тој лимит ќе биде искористено за изнајмување, а не за набавка на возила за делегациите коишто ќе доаѓаат“, рече Ковачевски.
Ист е случајот и со цените за изнајмување на минимум 70 возила средна класа за потребите на самитот. МНР ќе ја чинат 440 евра на ден со данок. Додека пак еден граѓанин за Фолксваген Пасат на пример, кој ги исполнува критериумите од огласот, бидејќи мора да биде лимузина и во темна боја би издвоил 140 евра на ден. Што значи дека МНР за еден автомобил ќе плати 3 пати повеќе.
Дополнително ќе се изнајмува и мини ван, минибус и автобус. Вкупно 70 на број. И тука цените се различни и МНР ќе си плати над двојно.
Марија Митевска











