Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против едно лице и обвинителен предлог против четири лица во врска со проектот за фасадата и илуминацијата на зградата на Владата.
Обвинениот управител на градежно друштво се сомничи за злоупотреба на постапка за јавна набавка, додека три други лица, одговорни за надзор на проектот, се обвинети за злоупотреба на службената положба.
Произведувачот за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елемети и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата, иако не поседувал лиценца за изведувач на градби од прва категорија, бил ангажиран и притоа не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор, па извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект.
Второобвинетиот, со умисла поттикнат од првообвинетиот, не ја извршил својата службена должност и при реализацијата на договорот не ставал забелешки во поглед на начинот на изведба на работите и употребениот материјал и покрај тоа што сертификатите и целокупната преписка помеѓу изведувачот на работите и носителите на стручниот надзор во поглед на материјалите и изведбата на декоративните фасадни елементи била доставувана до него, со тоа дозволил декоративните фасадни елементи од материјал што ги нема потребните карактеристики да бидат вградени.
Трето и четврто обвинетите како одговорни лица за реализација на договорот, со умисла поттикнати од првоосомничениот, не ги извршувале своите посебни овластувања и должности, не вршеле проверка на квалитетот на вградените материјали во градбата и не ставале забелешки во градежните дневници. Со тоа причинета е материјална штета врз буџетот на Република Македонија во вредност од 184 милиони денари.











