На заминување од владата, прв предупредив што точно ќе се случува, предупредив дека напуштањето на правилото „ништо не е договорено, додека се не е договорено“ или таа „салама“ тактика, ќе нè доведе во ситуација кога една по друга црвена линија ќе биде пробиена и ќе добиеме едно целосно неостварливо решение на масата, односно едно нерешение, посочи Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи, во вечерашното интервју во „Вин-Вин“, на Телма ТВ.
„Таков став имав и додека бев во владата, таков став имав и веднаш кога излегов, таков став имам и денеска. Моите критичари ја објаснуваа таа моја јавна критика како потреба за кариера, „сега изгубил функција, еве го веднаш критикува“. Истите тие што ден претходно ми понудија функција амбасадор во Вашингтон или ако не е Вашингтон да бирам земја, меѓудругото за да ме замолчат“, изјави Димитров.











