Официјален Тел Авив соопшти дека погодил „воена цел“ во „областа на претседателската палата во Дамаск“. Претходно беше соопштено дека го погодил седиштето на сириската војска во градот, односно комплексот на Министерството за одбрана на Сирија.
Израел вели дека се обидува да ги заштити членовите на заедницата Друзи во југозападна Сирија, каде што имало смртоносни секташки судири.
„Работиме на спасување на нашите браќа Друзи и на елиминирање на бандите на режимот“, вели израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Израелските напади врз сириска територија траат трет ден по ред, откако во јужниот град Свеида избувнаа жестоки судири меѓу државните сили и Друзите.
Сириските државни медиуми јавија дека двајца цивили биле ранети при денешниот израелски напад.

Израелската војска соопшти дека „ја гаѓала портата на воениот штаб на сирискиот режим“ и додаде дека продолжува да ја следи ситуацијата и нападите врз „мирното население Друзи во јужна Сирија“.
Сириската армија беше распоредена во провинцијата Свеида во понеделникот со цел да ја смири тензијата меѓу Друзите и бедуинските заедници, но во меѓувреме самата влезе во судири со Друзите.
Најмалку 200 луѓе се убиени откако започнаа судирите во неделата, соопшти во вторник британската група за мониторинг Сириска опсерваторија за човекови права.

Американскиот државен секретар Марко Рубио вели дека „многу се загрижени“ за израелските напади врз Сирија.
Тој им кажа на новинарите дека САД сакаат борбите да завршат и потврдува дека „разговараат со двете страни“, додавајќи дека се надеваат дека ќе можат да ги спречат.











