Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Се одложи судењето за митото од 20 илјади евра за болнички кревет на геријатрија

/

пред 436 дена

Сподели преку :

Судењето против Мухсин Арифи, поранешниот в.д директор на специјализираната болница за геријатрија и палијативна медицина „13 Ноември“ и негувателот Блерим Амити, кои се обвинети за примање на мито од 20 илјади евра се одложи. Адвокатот Асмир Алиспахиќ кој досега го застапуваше Арифи го откажал полномошното, а неговиот нов адвокат, Скендер Мехмети беше отсутен поради користење на годишен одмор.

Судијката Ленка Давиткова информираше дека постапката против Амити е скратена, а неговиот бранител обвинението го добил на 31 јули и побара одложување со цел да се запознаат со доказите на обвинителството во случајот.

Арифи всушност очекувал да добие 100 илјади евра за да хоспитализира 42-годишна пациентка која знаел дека е имотна, односно поседува стан од 94 метри квадратни во Капиштец. Тој предложил да се продаде нејзиниот имот и така да ја добие целата сума која ја барал. А како првична гаранција за да ја смести во болница побарал 20 илајди евра кои во негово име ги примил негувателот Амити, кој му бил човек од доверба.  Инаку Амити во 2021 година бил осуден за загрозување на сигурноста на 5 месеци затвор.

Митото всушност го дал сведокот во постапката, односно старателката на пациентката која боледувала од повеќе состојби и на која по лекарски препораки и упатување и било потребно болничко згрижување во наведената установа. Но, пациентката била ставена на листа на чекање. Неколку пати сведокот се сретнал во скопски кафулиња со Арифи и Амити за да го договори  вдомувањето на пациентката.

Парите кои биле обезбедени од МВР и обележани му биле предадени на Амити во возило паркирано во близина на клиниката, по што бил уапсен од полицијата. КОД веќе пишуваше за случајот и дојде до фотографии од Амити како ја напушта болницата за да се сретне со старателката. Директорот Арифи чекал во дворот на болницата и упорно вртел на телефонскиот број на посредникот. КОД дојде до фотографии од тој момент, како и до видео од апсењето на Арифи.

Во меѓувреме Арифи беше исклучен од членството во Алијансата за Албанците на Арбен Таравари. Тој претходно беше и директор на психијатриската болница во Бардовци.

Марија Митевска