Повеќемина се приведени во акција на ОЈОГОКК и МВР која денеска е спроведена во државната платежна агенција. Во моментов на информативен разговор е задржан и Илија Стоилев, актуелниот директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Тој се сомничи дека бил затекнат како прима поткуп во износ од какошто дознаваме 5 илјади евра со цел да забрза процес на исплата на европски пари кои ги распределува агенцијата.
„Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК во моментот истражители од истражниот центар на ОЈО ГОКК и единиците на МВР вршат претреси на повеќе локации низ државата поради основано сомневање за сторени кривични дела од коруптивна природа“, соопштуваат од обвинителството.
Стоилев за директор на Агенцијата е назначен во јули 2024 година од страна на Владата. Тој покрај директорската позиција е ѝ претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе. Според изворите на Телма во истрагата е опфатен и поранешен пратеник од Струга.
Инаку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е институција акредитирана за спроведување на ИПАРД-програмата. Таа ги прима и обработува апликациите, спроведува контроли и ја врши исплатата на средствата од европските фондови за рурален развој, во согласност со правилата на Европската унија.
Дополнително и Владата зема национално учество кое заедно со средства од ЕУ го формира вкупниот буџет. Според објавената ИПАРД програма максималниот придонес од ЕУ за ИПАРД фондовите за периодот 2021-2027 година изнесува 97 милиони евра, а ги добиваат корисници кои се регистрираат за земјоделско стопанисување.
Теа Димковска














