Патничко возило изгубило контрола, се излизгало од коловозот и паднало во реката Радика, во близина на Бигорскиот манастир, соопштија попладнево од Центарот за управување со кризи.
Според ЦУК, случајот бил пријавен попладнево во 15:48 часот во дежурниот центар Е-112 Охрид. Засега нема информации колку лица имало во возилото и дали има евентуални настрадани во сообраќајната несреќа.
По добиената пријава, Регионалниот центар за управување со кризи Тетово телефонски контактирал со пријавителот, кој кажал дека возилото се движело со поголема брзина и во еден момент изгубило контрола, почнало да се лизга на коловозот, по што се превртело и паднало во реката Радика, на локација после манастирот „Свети Јован Бигорски“.
Како што информираат Центарот за управување со кризи, на местото веќе се пристигнати полициски екипи од Полициската станица Ростуше, а дополнително се упатени и припадници на гостиварската Територијална противпожарна едница, како и екипа на Итната медицинска помош од Ростуше.
„За настанот веднаш биле известени полициските службеници од ПС Ростуше, кои ја потврдиле информацијата и излегле на лице место, каде се наоѓа и командирот на ПС Ростуше со екипа. Исто така, веднаш е известена Територијалната противпожарна единица Гостивар, од каде е испратена екипа со две противпожарни возила и четворица пожарникари за интервенција. Известена е и Итната медицинска помош од Ростуше, која исто така испратила екипа на терен“, се наведува во соопштението од ЦУК.











