Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет за да се испита загадувањето на водата за пиење и можни кривични дела против животната средина на подрачјето на градот.
Во соработка со МВР – ОВР Струга, наредено е да се изврши увид во селото Шум, каде се наоѓаат изворите од кои Струга се снабдува со вода.
При увидот ќе учествуваат и инспекции за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за јавно здравје.
Дополнително, ќе бидат преземени и други проверки и дејствија за утврдување на причините за загадувањето, како и евентуална одговорност за сторените дела.
Директорот на Јавното претпријатие „Водовод“ Струга, Меџијаит Јусуфоски, поднесе оставка поради сериозното загадување на водата од градскиот водовод, која веќе пет дена тече темнокафеава и е прогласена за технички неисправна за пиење, готвење и лична хигиена.
Првичните анализи на Центарот за јавно здравје покажаа дека заматеноста е дури 30 пати над дозволеното.
Б.С.











