Трагите од кочење на асфалтот на скопската обиколница се свежи, оградата на автопатот искршена, а камионот сѐ уште е покрај патот. Токму на ова место се случила трагичната несреќа во која животот го загубија четири лица – три млади момчиња на дваесет години и таткото на едното од нив.
Возачот на камионот изгубил контрола над возилото, се судрил со автомобилот од спротивен правец, по што настанал пожар во двете возила.
„Ова е точното место каде што камионот ја пробил заштитната ограда на автопатот пред да го предизвика директниот судир со патничкото моторно возило. Денеска сѐ уште се свежи трагите од горење на возилата на асфалтот, а за страшната трагедија сведочат и остатоците на шлеперот како и стопената шоферска кабина.“
Полицијата излезе со детали за трагедијата. Од МВР информираа дека камионот го управувал 76-годишен косовски државјанин, а пријава за случајот пристигнала пред полноќ, во 23 часот.
„Б.Б. (76) од Косово, управувајќи товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки, изгубил контрола над возилото и со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.В.(51) од Скопје. Исто така, по наредба на јавен обвинител возачот Б.Б. е лишен од слобода и задржан во полициска станица“, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Од Националната опера и балет потврдија дека 51-годишниот возач на патничкото моторно возило е Ристе Велков, оперски првенец и баритон. Во соопштение од институцијата се вели дека македонската оперска сцена изгуби исклучителен уметник, врвен интерпретатор и човек, чиј глас, уметност и сценско присуство оставија длабока трага во Македонската опера и балет и во македонската музичка култура.
Петар Догов











