Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Фон дер Лајен вети 75 милиони евра помош за Косово и работа за визна либерализација

/

пред 1438 дена

Сподели преку :

Истите зборови на поддршка за голема посветеност на европските реформи, напредок на демократијата и владеењето на правото, што ги кажа вчера во Македонија, Урсула фон дер Лајен ги кажа денеска и за Косово. Ја пофали официјална Приштина за усогласеноста на нејзините политики во однос на Русија и кажа дека земјата ќе добие 75 милиони евра директна буџетска помош за да се справи со енергетската криза.

„Сега ви треба итна поддршка, итна финансиска буџетска помош, ќе дадеме 75 милиони евра за итна поддршка за ранливите домаќинства и компании и ќе ги завршиме сите неопходни процедури до крајот на годината за да можете да ги добиете до крајот на јануари“, рече претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.

Помошта ќе се спроведе преку економскиот инвестициски план за Западен Балкан, пари што Унијата ги дава за шесте балкански земји во време на економска и енергетска криза. Го повтори и износот од 500 милиони евра, што земјите од Западен Балкан ќе може да ги користат за енергетска независност и за инвестиции во обновливи извори.

Тема на разговорите на фон дер Лајен со косовските власти е и визната либерализација на која инсистира Косово.

„Дојде време ЕУ да преземе конкретна акција за интеграција на демократските земји од Западен Балкан. Ова, секако, е за земјите кои сакаат да преземат сериозни чекори кон европската интеграција. Иако сме на прво место во Европа и на второ место во светот по реформите во областа на владеење на правото, косовските граѓани остануваат изолирани во срцето на Европа“, изјави Вјоса Османи, претседателка на Косово.

„Ве слушнав јасно и гласно околу визната либерализација“ и одговори фон дер Лајен на Османи, велејќи дека Косово може да смета на поддршката на Комисијата околу ова прашање.“

„Сега наша задача е да го убедиме Европскиот совет, многу членки на Европскиот совет се на ваша страна и добро е што дискусијата почна. Ќе работиме интензивно со чешкото претседателство. Треба голем дипломатски напор и објаснување и работа,“ додаде шефицата на Европската комисија.

Фон дер Лајен попладнево патува за Тирана, а утре ќе ги посети Белград и Сараево. Нејзината балканска турнеја завршува в сабота со посета на Црна Гора.

Марија Дивитарова