Антивладините протести во Иран, кои започнаа по смртта на 22 годишната Махса Амини, продолжуваат веќе шестта недела. Вчерашните протести, на 40 ден од смртта на Амини, беа особено насилни, а судирите продолжија и на денешните протести. И, иако иранскиот режим и претходно се соочувал со незадоволството на своите граѓани, големината на овие протести е од до сега невидени размери за Исламската република. Но, Техеран не признава дека избликот на незадоволство е насочен против режимот, туку тврди дека ова е уште еден обид на западните европски држави и САД, да ја дестабилизира земјата.
Сакам да ја предупредам ЕУ против продолжувањето на оваа неконструктивна, повторувачка и неуспешна политика која ја применуваат изминативе години. Апсолутно ни е јасно дека има еден мал број членки на ЕУ кои имаат екстремистички погледи во однос на региналните и меѓународните состојби, порача иранскиот министер за надворешни работи Хусеин Амиробдулахиан.
Но како што протестите се прошируваат така посуров станува и одговорот на режимот. Невладините организации обвинуваат дека на денешните протести биле застрелани две лица, а според Организацијата за човекови права во Иран, од почетокот на антивладините протести до сега загинале 234 демонстранти, меѓу кои и 29 деца.
Режимот во Техеран не им дозволува на странските медиуми да ги следат протестите, а во исто време ја ограничуваат и достапноста на интернетот, во обид колку што може повеќе да ги попречат протестите.
Протестите започнаа кратко по смртта на Амини, која по малтретирањето од страна на моралната полиција која ја привела поради неправилно носење на хиџаб. Први незадоволство почнаа да искажуваат девојките на универзитетските кампуси, но протестите продолжија да растат поттикнати од незадоволството поради лошата економска состојба и опресијата на режимот.
Игор Трајков











