По петти пат за три ипол години Израел бира нова Влада. Според првичните информации води партијата на поранешниот премиер Бенјамин Нетањаху.
Тој ноќеска пред приврзаниците на неговата партија Ликуд во Ерусалим изјави дека е „блиску до голема победа“ и дека ќе предводи десничарска влада доколку резултатите од изборите го потврдат она што се предвидува во прогнозите. Актуелниот премиер Јаир Лапид, пак, рече дека ништо не е решено и дека треба да се почекаат резултатите. Според прогнозите, десничарската конзервативна партија би освоила 30 или 31 од 120 места во парламентот. На второто место би била Партијата на Лапид со 22 до 24 места. Десничарско религиозниот табор околу Нетанјаху на петтите по ред избори за три и пол години би имал тесно мнозинство од 61 или 62 места во Кнесетот.
Нетанјаху (73) е една од најконтроверзните политички фигури во Израел, кој е омразен меѓу центристите и левицата, но е омилен во базата на неговата партија.
Силен поддржувач е на израелскиот проект за изградба на населби на Западниот Брег, окупиран од војната на Блискиот Исток во 1967 година. Овие населби се сметаат за нелегални според меѓународното право, иако Израел го оспорува тоа.
Нетанјаху се противи на создавање на палестинска држава на Западниот Брег и Појасот Газа како решение за израелско-палестинскиот конфликт – формула што ја поддржува повеќето од меѓународната заедница, вклучително и администрацијата на Бајден во САД.
На Нетанјаху, исто така, во моментов му се суди за наводен поткуп, измама и нарушување на довербата – обвиненија што тој жестоко ги негира.
Неговите можни партнери во коалициската влада предводена од Ликуд рекоа дека ќе го реформираат законот, а кој би бил во насока што ќе го запре неговото судење.











