Едногласно, но само со гласовите на пратениците од мнозинството, дополнет е Законот за задолжителни нафтени резерви. Тој овозможува нафтени деривати од резервите да се отстапат без надомест или со краткорочни позајмици на јавни претпријатија што вршат енергетска дејност.
Законот нагласува дека резервите може да се користат кога постои итна потреба во снабдување со топлинска енергија во Град Скопје и електрична енергија во цела држава при прогласена кризна состојба. Може да се отстапат до 50 одсто од складираните количини на секој нафтен дериват одделно.
Трошоците за испорака, видот, количините и намената на нафтените деривати кои се позајмуваат или отстапуваат, како и рокот за враќање, ќе ги одреди Владата. Со ова, пишува во законот, задолжителните нафтени резерви се ставаат во функција на справување со енергетската кризна состојба. Одредбите ќе се применуваат до пристапувањето во Европската унија.











