На три дена пред првите непосредни избори за шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, државниот обвинител Љубомир Јовески ги повика обвинителите да гласаат слободно за оној кандидат кој има најдобра програма и визија за идното функционирање на ова обвинителство. Тројца од четворицата кандидати за Телма ги открија своите адути, четвртиот, гостиварскиот виш обвинител Абази, одлучи да молчи.
Резултати од досегашната работа како шеф на обвинителството за организиран криминал. Ова е главниот адут на обвинителката Вилма Русковска со кој очекува да ја добие поддршката од колегите од целата држава кои во понеделник за прв пат ќе гласаат за прв човек на Обвинителството кое гони организиран криминал и корупција. Вели „Обвинителството го поставив на здрави основи и тоа вроди со плод“. Таа ги истакнува позитивните извештаи на Европската комисија (ЕК) за обвинителството што го предводи, поддршката на меѓународната заедница, но пред сè, довербата на граѓаните.
Обвинителката од гостиварското вишо обвинителство, Деса Пауновска дел од својата кариера ја мина во Oбвинителството за организиран криминал на чие чело сега сака да застане. Беше и член на Советот на јавните обивнители. Програмата ја доставиле до сите колеги, а со неа најавува дека ако биде избрана ќе воведе стандарди и процедури во Обвинителството, модернизација и подобри технолошки алатки на обвинителите и да ја зголеми транспарентноста. Најавува и подобрување на соработката со другите институции за да можат обвинителите побрзо и полесно да истражуваат.
Да ја вратиме довербата во Обвинителството. Ова е мотото на обвинителот Ермон Незири кој е и заменик на Гаврил Бубевски во скопското основно обивнителство каде работи од 2009 година по излегување од Академијата за судии и јавни обивнители. Вели дека има капацитет да се справи со можните притисоци и влијанија кои би дошле од сферата на политиката, бизнисот и криминалот. Програмата ја завршува со резиме дека целосно ќе се вложи за да ја подобри состојбата и да ги зајакне капацитетите на ова обвинителство.
И Актуелниот шеф на гостиварското вишо обвинителство, Ислам Абази е кандидат во трката за прв човек на Обвинителстовто за организиран криминал, но тој одлучи да не одговори на повиците и пораката на Телма.
Државниот обвинител Љубомир Јовески денеска испрати порака до колегите дека со нивниот глас влијаат за подобрување на состојбите во јавното обвинителство. Верува дека ќе го направат вистинскиот избор.
„Сакам да ве повикам сите слободно и растоварено од какви било влијанија и притисоци да го дадете својот глас за оној кандидат кој има најдобра програма и визија за идното функционирање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, порача Јовески.
Шефот на обвинителството за организиран криминал е единствениот раководител во Обвинителството кој за прв пат ќе бира на директни избори. Во понедленик над 160 обвинители од цела држава можат да гласаат во четирите виши обвинителства и во републичкото.
Елена Ивановска Мукоска











