И покрај прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје, на Попова Шапка не запира изградбата на нови објекти и узурпацијата на државно земјиште.
Општина Тетово се пофали со акција на инспекторите, за уривање на бетонски плочи и столбови на објекти кои сега започнале да се градат, а немале дозвола за тоа.
Од Општинскиот инспекторат велат дека постапуваат само во такви случаи, додека за објектите што се изградени и во процес на легализација немаат надлежност.
„Имаме два случаи на објекти, само што се почнати и на јавна површина. Излеговме на терен и ги видовме и постапивме по закон. Инспекторатот проверува во тек на градба. Ние како Инспекторат секоја недела сме на увид на Шапка и ги контролиравме тие што се со дозволи и овие што ги најдовме беа без дозволи, без маркици“, вели Абдулгани Алији, раководител на Општински инспекторат.
Но, на Попова Шапка во изминативе години голем број граѓани бесправно градеа, па потоа поднесуваа документи за легализација.
Во Секторот за урбанизам во овој момент се водат 125 предмети, од нив за 60 треба да се излезе на терен и да се утврди фактичката состојба, а на другите 65 им недостасува документација која треба да ја достават.
Тетовскиот градоначалник вели дека за овие предмети ќе одлучува Советот.
„Каде што се работи за државно земјиште ние не сакаме никој во Општината да преземе одговорност за легализација на државно земјиште, ќе биде пуштен на Совет. Ако Советот одлучи дека може во теј дел да биде предвидено и да се легализира тогаш ние како администрација ќе прифатиме“, вели градоначалникот Биљал Касами.
Бесправно се гради и покрај патот кон Попова Шапка, во подножјето на Шар Планина, како и кон излетничките места Бањиче и Кале, но ниту оваа, ниту претходната власт немаат преземено никакви чекори.
Градоначаникот вели дека потребен им детален извештај за реалната ситуација во градот, за да постапуваат.
Инаку на поширокото тетовско подрачје во деветте месеци од годинава, Секторот за внатрешни работи Тетово изготви 9 кривични пријави за исто толку кривични дела „узурпација на недвижности“, а биле изготвени и 12 пријави за 16 кривични дела „бесправно градење“. Неколку од овие кривични дела се однесуваат и на подрачјето на Попова Шапка“.
Данијела Билбилоска











