Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Косовските институции од денеска без Срби

/

пред 1427 дена

Сподели преку :

Од денеска северот на Косово е без српски полицајци. Тие вчера во своите полициски станици и официјално поднесоа оставки, а во текстот наведуваат дека оставките ги поднесуваат самоволно од лични и морални причини.

Освен во полициските станици, српски полицајци нема да има ниту на административните пунктови Брњак и Јариње, а ниту во другите институции и служби кои беа формирани според Бриселскиот договор. И правосудните органи останаа без судии и обвинители, локалните самоуправи без администрација и службеници.

И покрај, незадоволството на Србите со политиката на владата во Приштина, деновиве на терен е мирно, а утринава продолжи наставата во училиштата, отворени се болниците, и продавниците се добро снабдени.

За кризата, се очекува дипломатско решение. Американската амбасада во Приштина побара од косовскиот премиер Курти да формира Заедница ба српски општини, а од Србите побараа да се вратат во институциите предупредувајќи дека споровите имаат капацитет за ескалација на терен.

Албин Курти на синоќешната владина седница рече дека „законитоста и уставноста не можат да се компромитираат додека дијалогот и институциите немаат алтернатива“. Го повтори барањето до Србите да не ги напуштаат косовските институции.

Во меѓувреме, претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека се надева оти САД ќе одлучат КФОР и ЕУЛЕКС да ги вршат полициските работи на северот на Косово, по одлуката на Србите да ги напуштат институциите.

„Мислам дека тоа може да придонесе за мирот. Ако (Американците) мислат тоа да го прават Албанците, а тоа не е во согласност со Бриселскиот договор и волјата на народот, стравувам дека тоа ќе води кон катастрофа “ изјави Вучиќ синоќа.

КФОР ги претставува официјалните вооружени меѓународни мировни сили под водство на НАТО, додека ЕУЛЕКС е мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово.

Претставниците на Србите на 5 ноември поднесоа оставки во локалните самоуправи на северот на Косово, во судството, полицијата и Владата и Собранието.

Одлуката беше донесена откако косовските власти почнаа да го спроведуваат планот за пререгистрација на возила со регистарски таблички издадени од српските власти.