Заменик-министерот за правда Агим Нухиу (кадар на ДУИ) е прв владин функционер кој јавно се обрати по изборот на Ислам Абази за раководител на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Абази инаку е родум од Зајас, селото од каде е и неговиот сосед и лидер на ДУИ Али Ахмети.
Нухиу како и сите останати не можел да најде никаква фотографија од мистериозниот Абази со експресен подем во хиерархијата на обвинителството па ставил фотографија со чеканче од судница.
„Со чинот на директно гласање на обвинителите, Македонија влегува во уште поподготвено ниво во борбата против организираниот криминал и корупцијата“, навел Нухиу од ДУИ.
Ислам Абази, најнеискусниот кандидат и со никакво искуство со борба против организиран криминал и корупција (8 години минал во Вишо обвинителство во Гостивар, а една година бил во обвинителство во Кичево), ги задоволува критериумите на Нухиу од ДУИ. Заменик министерот очекува соработка на Абази со сите надлежни за гонење на организиран криминал.
„Очекуваме поголем напредок во оперативната соработка со меѓународните партнери и координација на активностите меѓу обвинителството, полицијата и другите релевантни тела против организираниот криминал и корупцијата за подобрување на ефикасноста на спроведувањето на законот. Со нетрпение очекуваме напредок во истражните постапки, во гонењето и казнувањето на случаите на организиран криминал и перење пари со фокус на конфискација на имотот од криминал“, напиша Нухиу на Фејсбук уште во 18:16 часот додека изборната комисија ги соопштуваше резултатите.
Министерот за правда Никола Тупанчевски засега се нема изјаснето за изборот, а според објави на професори на скопскиот Правен Факултет тој денес бил на предавања за Медицината и казненото право и за медицинските етички прашања. Било расправано „за развојот и примената на трансплантациското законодавство, етичките аспекти на фетоцидот заради срцеви аномалии и други актуелни прашања со интердисциплинарна проблематика.“
Додека министерот беше на предавања, обвинители гласаа и го изгласаа неискусниот Ислам Абази за да ја води борбата против организираниот кримина и корупција во државата.
Иако непознат за јавноста без да наведе при кандидирањето за што ќе се залага, Абази освои 66 гласа од вкупно 163 обвинители (40%). Клучната предност му ја донесе гласањето на обвинителите на највисоко ниво во Државното обвинителство каде од 9 важечки гласови, Абази доби 6.
Покрај државниот обвинител Љубомир Јовевски во клучното обвинителство кое го избра Абази се и двајца поранешни министри на ДУИ. Одговорноста за (не)успешното работење на неискусниот и мистериозен Абази покрај на негов личен грб ќе се крши и на обвинителите од Државното обвинителство.
Абази кој за време на изборната кампања на премиерската изборна обвинителска држава не одговараше на повици ниту пак доаѓаше да дебатира со своите многу поискусни колеги, за утре најави прес-конференција и изјава.
Миомир Серафиновиќ











