Рускиот бизнисмен Евгениј Пригожин призна дека се мешал во американските избори и порача дека тоа ќе го прави и во иднина, што е прво такво признавање на човекот кого Вашингтон и формално за тоа го обвинува.
Изјавата е објавена еден ден пред изборите за американскиот Конгрес. Пригожин, кого го нарекуваат „Готвачот на Путин“ бидејќи неговата компанија работи кетеринг за Кремљ, формално е обвинет дека спонзорира „фарми на тролови“ во Русија кои се обидуваат да влијаат на политиката.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека администрацијата на Бајден не е изненадена од признавањето на Пригожин. Додаде дека ваквото храбро признание е само манифестација на неказнивоста што ја уживаат пријателите на Путин и Кремљ.
Републиканците и демократите ја почнуваат трката за контрола во двата дома во Конгресот. Според анкетите Републиканците се сметаат за фаворити за победа во Претставничкиот дом, но победата во Сенатот според анкетите сè уште носи многу дилеми.
Републиканска контрола врз еден дом во Конгресот би претставувала голема пречка за законодавната агенда на претседателот Бајден.
Контролата на Сенатот најверојатно ќе зависи од резултатите од блиските трки во Пенсилванија, Џорџија и Невада.
Повеќе од 40 милиони гласачи веќе гласале на конгресните избори, што според експертите е поголем број отколку на изборите во 2018 година.
Но, на гласачките ливчиња по пошта обично им треба подолго време за да се пребројат отколку редовните гласачки ливчиња, поради што резултатите во многу држави не се конечни.
Во многу клучни држави, како што се Висконсин и Пенсилванија, на изборните службеници не им е дозволено да почнат да ги бројат гласовите до денот на изборите.











