Малолетничка нападната и искасана од улично куче. Повреди имала по лицето и веднаш била третирана во тетовската болница. Ова се случило во април, а оттогаш досега има уште многу вакви примери кога епилогот бил сличен како во овој случај во Тетово. Оваа бројка постојано се зголемува, а показател е статистиката која вели дека годинава заклучно со октомври има речиси ист број на напади како за целата мината година.
Од Центарот за управување повторија – 112 е бројот каде што треба да се пријави секој напад од куче и друга итна состојба. Повикот веднаш се испраќа до полиција од каде што излегуваат на терен, а крајната точка е градското претпријатие Лајка кои одлучуваат каква ќе биде судбината на кучето-напаѓач. Има неколку начини за справување – од масовна стерилизација па се до евтаназија.
Според информациите, градската каса се празни за околу две илјади евра по еден случај на каснување. Од таа сума, 50 илјади денари се наменети за отштета на лицето, а остатокот е за правните работи.За таа сума да биде намалена пред околу еден месец е формирана и Комисија за решавање во која се трауматолог, психијатар и правник. Оштетените лица земаат од 20.000 до 100.000 оштета во зависност од повредата. Според оваа математика, само оваа година буџетот е оштетен за околу 40 милиони денари или 650 илјади евра, сума со која можеше да бидат изградени две градинки.
Тамара Марковска











