Национален генерален штрајк стапи на сила денеска во Белгија, предизвикан поради растот на цените, како резултат на инфлацијата и високите сметки за струја и гас. Најголемите синдикати се обединија во барањето за повисоки плати, тврдејќи дека работниците треба да бидат заштитени од ударот предизвикан од растот на цените на храната и енергенсите, поради кои многумина живеат на раб на сиромаштија.
На аеродромот Брисел се откажани дури 60 проценти од летовите, додека аеродромот Шарлероа беше целосно затворен. Јавниот транспорт и возовите се исто така ограничени на минимум што во престолнината Брисел, која е и седиште на европските институции, предизвика сообраќаен метеж поради кој многумина денеска не успеаа на време да стигнат на своите работни места.
Руската инвазија на Украина предизвика енормно зголемување на цените на природниот гас и горивата, додека во исто време европските земји одлучија да престанат со увозот на руски енергенси.
Според синдикатите, за само една година цената на гасот се зголемила за 130 проценти, на струјата за 85 проценти а на горивата за 57 проценти.
Во Белгија во сила е систем на индексација на плати, кој гарантира зголемување на платите, пензиите и социјалната помош, ако пораснат трошоците за живот. Но, синдикатите обвинуваат дека следната индексација, која ќе биде пресметана дури во јануари идната година, нема да ги земе во предвид зголемените цени на горивата, што повторно ќе резултира со намалување на куповната моќ.











