Шефовите на разузнавачките агенции на САД и Русија се сретнале вчера во Анкара за да разговараат за опасноста од нуклеарен конфликт во Украина и американските граѓани неправедно затворени во Русија. Средбата помеѓу директорот на ЦИА Вилијам Бурнс и на руската Федерална безбедносна служба Сергеј Наришкин во турската престолнина, според Кремљ била на иницијатива на Вашингтон, и во исто време претставува прва средба на високи службеници помеѓу двете земји од почетокот на руската инвазија на Украина.
Според Белата куќа, Бурнс, кој беше амбасадор во Москва од 2005 до 2008 година и течно зборува руски јазик, не заминал во Анкара за да преговара за крај на конфликтот, туку да ја предупреди Русија од последиците ако одлучи да употреби нуклеарно оружје во Украина.
Изминативе месеци Вашингтон постојано ја предупредува Москва од последиците ако употреби тактично нуклеарно оружје во Украина, откако неколку високи руски функционери дека Кремљ размислува за таквата опција. Во септември, дури и рускиот претседател Владимир Путин го обвини западот дека сака да ја уништи Русија, и предупреди дека ќе ги искористи сите можни средства за да се заштити, што пак западните земји го протолкуваа како нуклеарна закана.
Што точно било дискутирано на состанокот не е познато, но средбата доаѓа во многу значаен момент во конфликтот, поради неодамнешното губење на Херсон и прашањето како Русија ќе одговори на овој последен неуспех во Украина.
Иако Наришкин како директор на ФСБ ја нема истата политичка тежина во Москва, како Бурнс во Вашингтон, затоа што тој не е дел од кругот советници на Путин и беше јавно посрамотен од Путин пред почетокот на инвазијата, сепак во САД се надеваат дека средбата ќе му овозможи на Бурнс некаков увид во размислувањето на Москва.











