Додека почвата на Пеленица сѐ уште ги крие одговорите за степенот на загаденост со линдан и други соединенија, во изворот од каде што потекнуваат хемикалиите се работи на големо. Голем дел висококонцентриран отпад веќе е исчистен, а во бурињата е складирана и контаминирана земја. На овој процес се чекаше повеќе децении, а уште една година најмалку ќе се работи за целосно да се заврши со работа на малата депонија, во срцето на поранешниот индустриски гигант ОХИС, и недалеку од неколку населби во околината.
„Досега се исчистени околу 900 тони на висококонцентриран отпад и околу 170 тони на земја контаминирана со хексахлорциклохексан. Од тие 900 тони на ископан отпад, околу 700 или 800 тони веќе се извезени, а останатите вклучувајќи ја и контаминираната земја ќе бидат извезени во следниот период. Останува уште околу 50-60% од малата депонија да бидат исчистени и врз основа на досегашната динамика, очекуваме некаде до крајот на следната година да биде завршена малата депонија и да се исчисти“, вели Александар Мицковски, проектен менаџер во Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи во МЖСПП.
Малата депонија со линдан е покриена со шатор и во него е инсталиран негативен притисок. Тоа значи дека атмосферскиот притисок надвор е поголем и сите токсични емисии коишто се испуштаат при отстранувањето на линданот, не можат да излезат надвор и да влијаат на животната средина и на најблиските населени места во околината – како Драчево, Кисела Вода и останатите.
„Поставени се две мерни места и редовно, на неделна основа се следат концентрациите на хексахлороциклохексан и истите се далеку под референтните вредности“, додава Мицковски.
Кога екипите започнаа со чистење на линданот од депонијата, таму пронајдоа и течен метал – жива и тоа лоцирана на неколку места. Во малата депонија во „ОХИС“, според податоците со коишто располага Министерството за животна средина, има вкупно 6.660 тони отпад од кои 1.600 тони се Линдан, 4.000 тони контаминирана земја и 1.000 тони контаминиран бетон, којшто ќе биде ископан откако ќе се заврши со чистењето. Големата депонија, ќе почека на повеќе финансии и подобри времиња за еден таков, огромен проект.
Петар Догов











