Твитер им соопштил на своите вработени дека привремено ги затвора своите канцеларии и нивните картички за влез во објектите ќе бидт привремено суспендирани, без да даде објаснување за овој потег.
Ваквото соопштение доаѓа само неколку денови откако новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, им порача на вработените дека ќе мораат да се согласат да работат многу часови, нагласувајќи дека само „најхардкор“ посветените ќе ги задржат своите работни места.
По оваа објава на Маск, светските медиуми тврдат дека вработените масовно го напуштаат Твитер, а еден од нив за БиБиСи изјавил дека до понеделник, за кога е најавено повторното отварање на канцелариите, на работа ќе се појават помалку од 2.000 луѓе. Истиот извор тврди дека во неговиот оддел целиот раководен тим бил отпуштен од работа.
Менаџерот на тимот, неговиот менаџер беше отпуштен. Потоа, менаџерот на тој менаџер беше отпуштен. Лицето над него беше еден од извршните директори кои беа отпуштени уште на првиот ден. Значи не остана ниту еден од таа раководна структура, тврди изворот за британскиот јавен сервис.
Поранешниот заменик претседател на Твитер, Брус Дејзли, тврди дека поранешни вработени му соопштиле дека Твитер може да пропадне уште во понеделник.
Има голем број на карактеристики за чие функционирање се потребни постојани интервенции, и тиа бара постојано присуство на инженерите. Ако тие инженери ја напуштиле компанијата, тогаш тоа е закана врз стабилноста на производот, изјави Дејзли.
Пред околу три недели Твитер соопшти дека отпушта 50 проценти од вработените, а тие што останаат, новиот сопственик Маск им порача дека мораат да ги прифатат условите до 17 ноември, или во спротивно ќе добијат отпремнина.
Пред Маск да го преземе Твитер, во договор кој чинеше 44 милијарди долари, компанијата имаше околу 7.500 вработени ширум светот. Твитер исто така преку првиремени договори вработуваше уште илјадници лица на глобално ниво, и според последните информации, на сите нив договорите им биле прекинати.
Но, и покрај турбуленциите на кои е подложена компанијата, во своите објави на Твитер, Маск делува незагрижено.
Најдобрите луѓе остануваат, затоа, не сум премногу загрижен, напиша тој на својот профил на Твитер.











