Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск соопшти дека профилот на поранешниот американски претседател, Доналд Трамп е вратен, бидејќи корисниците на социјалната платформа го поддржаа таквиот потег во анкетата што ја иницираше.
„Народот кажа“, напиша Маск на Твитер, информирајќи дека 51,8 отсто од над 15 милиони корисници на Твитер гласале за враќање на профилот на Трамп.
Неговиот профил беше суспендиран во 2021 година поради ризик од поттикнување на насилство.
Претходниот менаџмент на Твитер го избриша профилот на Трамп неколку дена по нападот врз американскиот Капитол во Вашингтон на 6 јануари, додека Конгресот се обидуваше да ја потврди победата на Џозеф Бајден на претседателските избори.
Потоа беа суспендирани профилите на Доналд Трамп на Фејсбук, на Инстаграм и на Јутјуб кои имаа десетици милиони следбеници.
Неколку месеци подоцна, Трамп лансираше сопствена платформа Truth Social.











